Add parallel Print Page Options

Исус

- патот кон Бог 14 „Не вознемирувајте се! Верувајте[a] во Бог! Верувајте и во Мене! Во домот на Мојот небесен Татко има многу живеалишта. Ако не беше така, зар ќе ви речев дека одам да приготвам место за вас? Откако ќе отидам и ќе ви приготвам место, повторно ќе се вратам и ќе ве земам кај Себе, за да бидете и вие таму каде што сум Јас. Вие го знаете патот до местото каде што заминувам.“

Тома Му рече: „Господе, ние не знаеме ни каде заминуваш! Како, тогаш, можеме да го знаеме патот!?“

Исус му одговори: „Јас сум Патот, Вистината и Животот. Без Мене, никој не може да дојде кај небесниот Татко. Ако Ме познавате[b] Мене, Го познавате и Мојот Татко. Отсега Го знаете и сте Го виделе.“

Филип Му рече: „Господе, покажи ни Го небесниот Татко и тоа ќе ни биде доволно!“ Исус му одговори: „Филипе, долго време сум со вас. Зар не знаеш кој сум Јас!? Секој што Ме видел Мене, Го видел небесниот Татко. Како можеш да кажеш: ‚Покажи ни Го небесниот Татко‘? 10 Зарем не веруваш дека Јас сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги зборувам Јас не ги зборувам од Себе, туку небесниот Татко, Кој живее во Мене, ги врши Своите дела. 11 Верувајте Ми дека Јас сум во Таткото и Таткото е во Мене, или барем верувајте заради чудата. 12 Ве уверувам дека секој што верува во Мене ќе ги прави истите дела што ги правам Јас, а и поголеми од Моите, зашто Јас заминувам кај небесниот Татко. 13 Секоја ваша молба упатете ја до Мене и Јас ќе ви ја исполнам. На тој начин Синот ќе Му донесе слава на небесниот Татко. 14 Јас ќе направам се што ќе побарате во Мое име.

Ветување за Светиот Дух

15 Ако имате љубов спрема Мене, ќе го правите она што ви го заповедам. 16 А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник[c], Кој ќе остане со вас засекогаш. 17 Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас. 18 Нема да ве оставам сираци - Јас ќе се вратам кај вас! 19 Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете[d] и вие. 20 Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас. 21 Тој што ги прифаќа Моите заповеди и ги исполнува - покажува дека Ме сака. А секој што Ме сака, ќе биде сакан и од Мојот Татко и од Мене и Јас ќе му се објавам.“

22 „Господе“, - Му рече Јуда (не Јуда Искариот, туку другиот) - „Како можеш да ни се објавиш нам, а не и на светот?“

23 Исус му одговори: „Ако некој Ме сака, ќе му се покорува на Моето учење. Тогаш Мојот Татко ќе го засака и Ние ќе дојдеме кај тој човек и во него ќе живееме. 24 А тој што не Ме сака, нема да му се покорува на Моето учење. Зборовите што ги слушате не се Мои, туку на Оној што Ме испрати, а тоа е небесниот Татко.

25 Ова ви го кажав уште додека сум кај вас. 26 Но небесниот Татко, наместо Мене, ќе ви Го испрати Светиот Дух да ви биде Помошник[e]. Тој ќе ве научи на се и ќе ве потсети на се што Јас ви кажував. 27 Ви давам мир - Мојот сопствен мир ви го давам. Мирот што Јас ви го давам не е како мирот што го дава светот. Затоа, не вознемирувајте се и не плашете се!

28 Слушнавте кога ви реков: ,Заминувам, но пак ќе се вратам кај вас‘. Ако навистина Ме сакате, ќе се радувате што заминувам кај Таткото, бидејќи Таткото е поголем од Мене. 29 Однапред ви го кажав ова, па кога ќе се случи, да имате вера во Мене. 30 Нема уште долго да разговарам со вас, зашто кнезот[f] на овој свет доаѓа. Тој нема власт над Мене, 31 но, светот мора да сфати дека го сакам Таткото и затоа дејствувам онака како што Ми заповеда Таткото. Ајде, станете да си одиме одовде.“

Footnotes

  1. Јован 14:1 Или: Вие верувате во Бог, верувате и во Мене.
  2. Јован 14:7 Или: кога би Ме познавале, или: штом Ме познавате.
  3. Јован 14:16 Изворниот збор е Параклетос и може да значи Помошник, Советник, Бранител, Утешител, Придружник и сл.
  4. Јован 14:19 Или: вие ќе живеете затоа што Јас живеам.
  5. Јован 14:26 Види фуснота кај стих 16.
  6. Јован 14:30 Се однесува на Ѓаволот, кој владее со световните (неверните) луѓе.