Add parallel Print Page Options

Исус е Лозата, ние сме прачките

15 Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза[a], а Мојот небесен Татко е Лозарот. Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти[b], за да дава уште повеќе род. Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата[c], така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене.

Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете[d] ништо. Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици[e], тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко.

Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. 10 Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. 11 Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. 12 Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. 13 Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. 14 Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. 15 Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. 16 Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. 17 Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“

18 „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. 19 Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. 20 Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ‚Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. 21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. 23 Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. 25 Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо[f]: ,Без причина Ме замразија‘.

26 Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. 27 А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“

Footnotes

  1. Јован 15:1 Лозата е симбол на израелскиот народ (види Еремија 2:21 и Исаија 5:1-7), која го претставува Божјиот посебен избор на еврејскиот народ како чисто и сортно растение. Но „лозата“ „се измелези“. Исус се претставува Себе како вистинската „лоза“ наспроти „измелезената“.
  2. Јован 15:2 Или: ја крои.
  3. Јован 15:4 Буквално: во лозата.
  4. Јован 15:5 Буквално: да направите.
  5. Јован 15:8 Некои ракописи: што станавте Мои ученици.
  6. Јован 15:25 Цитат од Псалмите 35:19 и 69:4.