Add parallel Print Page Options

Празниот гроб: Исус воскреснува!

(Матеј 28:1-8; Марко 16:1-8; Лука 24:1-12) 20 Во неделата[a], уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот[b] иставен од отворот на гробницата. Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“[c]

Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот. Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот. Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре. Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму, како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува; (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите).

10 Потоа учениците се вратија дома.

Исус се појавува пред Марија Магдалена

(Матеј 28:9-10; Марко 16:9-11) 11 Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата 12 и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете.

13 Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“

„Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа 14 Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна.

15 Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече:

„Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“

16 Исус и рече: „Мирјам[d]!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.)

17 Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици[e] и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“

18 Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.

19 Во истиот тој ден, а беше недела[f], кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав[g]. 20 Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа.

21 Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ 22 Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!

23 Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“

Исус и скептичниот Тома

24 Иако Тома (со грчки прекар Дидимус[h]) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. 25 Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“

26 По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав[i]! 27 Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“

28 Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“

29 А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“

30 Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. 31 А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него[j] да имате вистински живот.

Footnotes

  1. Јован 20:1 Буквално: на првиот ден по саботата.
  2. Јован 20:1 Според еврејскиот обичај, Исус бил погребан во пештера (гробница) на чиј влез бил навален голем камен.
  3. Јован 20:2 Марија смета дека сопственикот на гробот го извадил телото и го положил на друго место. Види 20:15-б.
  4. Јован 20:16 Мирјам е еврејското име за Марија.
  5. Јован 20:17 Буквално: кај Моите браќа.
  6. Јован 20:19 Буквално: првиот ден по саботата.
  7. Јован 20:19 Веројатно со вообичаениот еврејски поздрав Шалом алејкхем = Ви посакувам мир.
  8. Јован 20:24 Обете имиња - грчкото Дидимус и еврејското Т’ома, значат - близнак.
  9. Јован 20:26 Шалом алејкхем. Види ја фуснотата кај стихот 19.
  10. Јован 20:31 Буквално: во Негово име.