Add parallel Print Page Options

Но, се додека наследникот е малолетен не се разликува многу од роб, иако тој е сопственик на се. Старатели го чуваат и застапници ги водат работите во негово име, се додека не дојде времето што го определил неговиот татко.

Така е и со нас. Додека бевме духовно малолетни, им бевме потчинети на световните сили. Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот. Бог го испрати Христос за да не ослободи од Законот и, преку посвојување, да не направи Божји деца.

За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Аба[a]“, односно со „Татко“. Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите се што е Божјо.

Апостол Павле е загрижен за Галатите

Порано, не познавајќи Го Бог, вие им робувавте на „богови“ кои по својата природа не се богови. Сега Го познавате Бог, или поточно, Бог, познавајќи ве вас, ве одбра да Го запознаете. Како тогаш можете пак да им се враќате на тие слаби и бедни световни сили!? Зошто сакате повторно да станете нивни робови? 10 Почнавте да славите одредени денови, месеци, годишни времиња и години. 11 Страхувам за вас! Се плашам дека попусто се трудев околу вас. 12 Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон.

Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте. 13 Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест. 14 Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос. 15 Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте! 16 Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината?

17 Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе. 18 Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас. 19 Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае се додека да се создаде Христова природа во вас. 20 Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува!

Двата сина на Авраам

21 Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон? 22 Во Светото Писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена[b]. 23 Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување.

24 Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето. 25 Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, односно на сиот народ[c], кој духовно робува.

26 Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка. 27 Светото Писмо за неа вели:

„Радувај се жено неротко,

ти што деца не си раѓала,

излези и викај од радост

ти што не си видела породилни маки,

зашто повеќе деца ќе има неротката,

од жената што има маж[d].“

28 Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување. 29 Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе не прогонуваат нас, родените од Светиот Дух. 30 Но, еве што вели Светото Писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие се[e].“ 31 Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена.

Footnotes

  1. Галатите 4:6 Аба, или ава на арамејски јазик значи татко, тате.
  2. Галатите 4:22 Цитат од 1 Мојсеева. 16:15; 21:2-3.
  3. Галатите 4:25 Буквално: сите свои деца.
  4. Галатите 4:27 Цитат од Исаија 54:1.
  5. Галатите 4:30 1 Мој. 21:10.