Add parallel Print Page Options

ПРВОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА ПАВЛЕ

13 Меѓу пророците и учителите во антиохиската[a] црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘[b], Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот[c] Ирод, и Савле. Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.

1) Мисија во Кипар

Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. Таму, во градот Саламис[d], одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.

Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус[e]. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи 10 и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? 11 Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“

Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. 12 Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.

2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија

13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[f]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[g], град во областа Писидија.

15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“

16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:

„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[h] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[i]!‘

23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[j]!‘

26 Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! 27 Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. 28 Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.

29 Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. 30 Но Бог Го воскресна од мртвите! 31 Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ.

32 Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци 33 го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус:

,Ти си Мојот Син,

денес станав Твој Татко[k].‘

34 Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови:

,Тебе ќе ти го дадам

светиот благослов што му го ветив на Давид[l].‘

35 Во еден друг псалм, појаснува:

,Ти нема да дозволиш

Твојот Светец да скапува во гробот[m].‘

36 Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. 37 Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.

38 Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. 39 На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. 40 Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:

41 ,Гледајте, вие подбивачи!

Стаписајте се и изгинете,

зашто она што го правам во вашите дни,

немаше да го верувате

ако некој ви го раскажуваше[n]!‘“

42 На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.[o] 43 Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.

Павле се свртува кон неевреите

44 Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. 45 Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше.

46 Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. 47 Самиот Господ вака ни нареди:

,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи,

да го однесете спасението до краевите на Земјата[p]!‘“

48 Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. 49 Така пораката Господова се ширеше низ целата област.

50 Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. 51 Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата[q] и отидоа во градот Иконија, 52 а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.

Footnotes

  1. Дела Ап 13:1 Градот Антиохија, во областа Сирија.
  2. Дела Ап 13:1 Буквално: Нигер.
  3. Дела Ап 13:1 На грчки: тетрарх, со што се истакнува дека владеел со една четвртина од земја поделена на четири покраини.
  4. Дела Ап 13:5 Се наоѓа на источниот брег на Кипар. Бил уништен од земјотрес, па обновен во четвртиот век под името Констанца. Урнатините се 5 километри од градот Фамагуста.
  5. Дела Ап 13:6 Поточно, Бар-Јешуа, што значи Син на Јешуа. Нема врска со Исус Христос. Името Јешуа (грчки: Исус) било мошне често име меѓу Евреите.
  6. Дела Ап 13:13 Памфилија и Писидија биле римски покраини во денешна Турција.
  7. Дела Ап 13:14 Има два града со истото име - Антиохија. Едниот бил во Сирија (11:19), а вториот во античката покраина Писидија, сега во состав на Турција.
  8. Дела Ап 13:18 Во некои ракописи: ги трпеше. Споредете со 5 Мојсеева 1:31.
  9. Дела Ап 13:22 1 Царства 13:14.
  10. Дела Ап 13:25 Преносно: не сум достоен дури ни да бидам Негов слуга (роб).
  11. Дела Ап 13:33 Псалм 2:7.
  12. Дела Ап 13:34 Исаија 55:3.
  13. Дела Ап 13:35 Псалм 16:10.
  14. Дела Ап 13:41 Авакум 1:5.
  15. Дела Ап 13:42 Луѓе од нееврејско потекло што го прифатиле јудаизмот, еврејската вера.
  16. Дела Ап 13:47 Исаија 49:6.
  17. Дела Ап 13:51 Симболично покажување дека ги напуштаат не по своја желба или вина.