Add parallel Print Page Options

Назначување на седум помошници

Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините[a] се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“

Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив.

Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера.

Апсењето на Стефан

Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ‚Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. 10 Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, 11 тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“

12 Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание[b]. 13 Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм[c] и против Мојсеевиот Закон. 14 Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“

15 Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.

Footnotes

  1. Дела Ап 6:1 Всушност, елинизирани Евреи што го прифатиле грчкиот јазик, кој уште од времето на Александар Македонски бил широко распространет и наметнуван како меѓународен јазик на културата и како средство со помош на кое тој планирал да го обедини своето царство. Елинизираните Евреи биле главно припадници на благородништвото и на побогатите слоеви.
  2. Дела Ап 6:12 На грчки: Синедрионот или Санхедринот.
  3. Дела Ап 6:13 и 14. Буквално: против ова свето место.