Add parallel Print Page Options

За развод на бракови

(Мт. 19:1-12; Лк. 16:18) 10 Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“

Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. Во почетокот Бог создаде маж и жена. При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“

10 Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. 11 Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. 12 Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“

Исус ги благословува малите деца

(Мт. 19:13-15; Лк. 18:15-17) 13 Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа. 14 Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство! 15 Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“ 16 Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави.

Богатството како пречка

(Мт. 19:16-30; Лк. 18:18-30) 17 Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“ 18 Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар! 19 Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“ 20 Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“ 21 Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ 22 Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот.

Опасноста од богатствата

23 Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“ 24 Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство! 25 Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“ 26 Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ 27 Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“

28 Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe и станавме Твои следбеници!“

29 Исус му одговори: „Ве уверувам дека секој што заради Мене и Евангелието оставил куќа, или браќа, или сестри, или мајка, или татко, или деца, или земја, 30 ќе биде награден. Веќе на овој свет, таквиот ќе добие стопати повеќе куќи, браќа, сестри, мајки, деца, земја ... иако ќе има и прогонства. А во идниот свет ќе има вечен живот. 31 Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“

Исус третпат ја навестува Својата смрт

(Мт. 20:17-19; Лк. 18:31-34) 32 Учениците беа збунети кога Исус ги поведе кон Ерусалим, а останатите Негови следбеници беа исплашени. Уште еднаш, Исус ги повика кај Себе дванаесеттемина Свои ученици и почна да им објаснува што сe ќе Му се случи:

33 „Сега се искачуваме кон Ерусалим. Таму Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните, 34 кои ќе се подбиваат со Мене, ќе Ме плукаат, ќе Ме камшикуваат и ќе Ме погубат. Но по три дена, Јас ќе воскреснам!“

Алчните желби на двајца ученици

(Мт. 20:20-28) 35 Завдаевите синови Јаков и Јован дојдоа кај Исус и Му рекоа: „Учителе, сакаме да те замолиме да ни исполниш една желба!“

36 „Што сакате да сторам за вас?“ - ги праша Исус. 37 Тие Му одговорија: „Кога ќе седнеш на престолот во Твоето славно Царство, ние би сакале почесни места: едниот од нас да седи од Твојата десна страна, а другиот од левата!“ 38 Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли вие да пиете од чашата на Моите страдања од која Јас наскоро ќе морам да пијам, и да се крстите со страдалничкото крштавање со кое Јас ќе се крстам!?“ 39 „Можеме!“ - одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Ќе пиете од чашата од која Јас ќе пијам и ќе бидете крстени како и Јас. 40 Но не Сум Јас Тој што решава кој ќе седи од Мојата десна, а кој од Мојата лева страна. Тие места ќе им припаднат на оние за кои Бог ги приготвил.“

Водачите треба да се понизни

41 Кога останатите десетмина слушнаа за ова, им се налутија на Јаков и на Јован. 42 Затоа Исус ги повика сите заедно, и им рече: „Знаете дека оние што се прогласуваат за цареви владеат сурово над народите, а поставуваат и свои високи службеници кои ја користат својата власт над луѓето. 43 Но меѓу вас не треба да биде така! Тој што сака да биде најголем меѓу вас, нека им служи на сите! 44 Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека им биде на услуга на сите, 45 зашто и Јас, Синот Човечки, не дојдов на светот за да Ми служат, туку да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина!“

Слепиот Бартимеј од Јерихо

(Мт. 20:29-34; Лк. 18:35-43) 46 Исус и Неговите ученици пристигнаа во градот Јерихо. На излегување од градот многуброен народ одеше по нив. Покрај патот седеше еден питач, по име Бартимеј - син на Тимеј. 47 Кога слушна дека овде минува Исус Назареќанецот, тој почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 48 Мнозина се обидуваа да го замолкнат, но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 49 Исус застана и рече: „Викнете го овде!“ Луѓето го повикаа слепиот и му говореа: „Не плаши се, дојди, Тој те вика!“ 50 Човекот го фрли своето палто, рипна и потрча кон Исус. 51 „Што сакаш да сторам за тебе?“ - го праша Исус. Слепиот одговори: „Учителе, сакам да прогледам!“ 52 Исус му рече: „В ред; твојата вера те исцели!“ Човекот веднаш прогледа и Му се придружи[a] на Исус.

Footnotes

  1. Марко 10:52 Или: стана следбеник на Исусовиот пат.