Add parallel Print Page Options

За бракот и разводот

(Мт. 5:27-32; Мк. 10:1-12; Лк. 16:18; Рим. 7:1-3) 19 Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан. Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните.

Некои од фарисеите[a] Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон[b] мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“

Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена, и дека тогаш Тој рече:

,При стапување во брак, човекот ќе се одвои

од својот татко и од својата мајка

и ќе се присоедини кон својата жена

и двајцата ќе станат едно тело[c]?‘

Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“ На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба[d] според која мажот може да ја отпушти својата жена ако и даде потврда за развод?“ А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така. Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“

10 Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“ 11 А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами. 12 Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе , а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење - нека го прифати.“

Исус ги благословува децата

(Мк. 10:13-16; Лк. 18:15-17) 13 Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа, 14 на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“ 15 Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.

Богатството како пречка

(Мк. 10:17-31; Лк. 18:18-30) 16 Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“ 17 А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар - а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“ 18 „Кои заповеди?“ - го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно; 19 почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси[e].“ 20 Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“ 21 Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај се што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ 22 Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот.

23 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство. 24 Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“ 25 Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ 26 Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“

Голема награда за целосна верност

27 Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме се и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“ 28 Исус им рече: „Ве уверувам вас, коишто станавте Мои следбеници, дека во новиот свет, кога Јас, Синот Човечки, ќе седнам на Својот славен престол, вие ќе седнете на дванаесет престоли и ќе владеете над дванаесетте Израелски племиња. 29 А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене - ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот. 30 Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“

Footnotes

  1. Матеј 19:3 Појаснување за нив има кај Мт. 9:34.
  2. Матеј 19:3 Се мисли на Мојсеевиот Закон, а некогаш и на учењето на целиот Стар завет.
  3. Матеј 19:5 1 Мој. 2:24.
  4. Матеј 19:7 5 Мој. 24:1.
  5. Матеј 19:19 2 Мој. 20:12-16; 3 Мој. 19:18; 5 Мој. 5:16-20.