Add parallel Print Page Options

Заговор против Исус

(Мк. 14:1-2; Лк. 22:1-2; Јвн. 11:45-53) 26 Завршувајќи со сите овие поуки, Исус им рече на Своите ученици: „Како што знаете, по два дена настапува празникот Пасха. Тогаш Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат и ќе Ме распнат на крст.“

Во тоа време, во резиденцијата на Првосвештеникот Кајафа се одржуваше состанок на свештеничките поглавари и народните старешини. Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат. „Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ - заклучија тие.

Помазанието на Исус во Бетанија

(Мк. 14:3-9; Јвн. 12:1-8)

Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра, кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза. На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи: „Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“ 10 Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене. 11 Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате. 12 Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб. 13 Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“

Јуда подготвува предавство

(Мк. 14:10-11; Лк. 23:3-6) 14 Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече: 15 „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници. 16 Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса.

Пасхалната вечера: предавникот е посочен

(Мк. 14:12-21; Лк. 22:7-13; Јвн. 13:21-30) 17 На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ 18 Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ 19 Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера.

20 Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. 21 Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ 22 Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“

23 Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. 24 Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“

25 Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“

Воспоставување на Господовата Вечера (Причест)

(Мк. 14:22-26; Лк. 22:14-23; 1. Кор. 11:23-25) 26 Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. 27 Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; 28 ова ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас - крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. 29 Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, се до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ 30 Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора.

Петар се заветува на верност

(Мк. 14:27-31; Лк. 22:31-34; Јвн. 13:36-38) 31 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо:

,Ќе удрам по Пастирот,

и овците ќе се разбегаат[a]!‘

32 Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“

33 Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ 34 Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ 35 Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици.

Исусовата молитва во Гетсеманија

(Мк. 14:32-42; Лк. 22:39-46) 36 Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани[b]. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ 37 Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, 38 Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ 39 Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам[c] на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“

40 Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? 41 Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“

42 Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“

43 Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. 44 Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. 45 Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. 46 Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“

Апсењето на Исус

(Мк. 14:43-50; Лк. 22: 47-53; Јвн. 18:3-12) 47 Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. 48 Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак.

49 Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. 50 Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе[d]?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија. 51 Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. 52 Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине! 53 Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии[e] од ангели да не заштитат? 54 Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“

55 Потоа Исус и се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?. 56 Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“

Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа.

Исус пред Врховниот совет

(Мк. 14:53-65; Лк. 22:54-55; 63-71; Јвн. 18:13-14; 19-24) 57 Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите[f] и старешините. 58 А Петар оддалеку Го следеше, се до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова.

59 Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет[g] сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, 60 но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. 61 Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“

62 Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ 63 Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата - Божјиот Син?“

64 Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам:

,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки,

како седам на почесната, десна страна на Семоќниот,

и како доаѓам на небесните облаци.[h]‘“

65 На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! 66 Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ 67 Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и 68 Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“

Петар се откажува од Исус

(Мк. 14:66-72; Лк. 56-62; Јвн. 18:15-18; 25-27) 69 За тоа време Петар седеше надвор, во дворот. Една слугинка му пријде и му рече: „И ти беше со Галилеецот Исус!“ 70 Но тој пред сите одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“

71 Кога Петар се упати кон вратата, го виде уште една слугинка и им рече на оние што седеа таму: „И овој човек беше со Исус од Назарет!“ 72 Петар повторно одрече и дури се заколна, изјавувајќи: „Не го познавам тој човек!“

73 Малку подоцна, некои од оние што стоеја таму се доближија до Петар и му рекоа: „Навистина, и ти си еден од нив! И говорот[i] твој те издава!“ 74 Но Петар почна да се колне и да ги уверува: „Јас не го познавам тој човек!“

Во тој момент запеа петел. 75 Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови: „Уште пред петлите да запеат, ти трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник.“ Потоа излезе надвор и горко заплака.

Footnotes

  1. Матеј 26:31 Цитат од Книгата на пророкот Захарија, 13:7.
  2. Матеј 26:36 На хебрејски: Гат Ш ’маним, што значи: преса за гмечење (маслинки, грозје).
  3. Матеј 26:39 Буквално: ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша.
  4. Матеј 26:50 Или: Изврши го она за што си дошол, пријателе!
  5. Матеј 26:53 Буквално: легии.
  6. Матеј 26:57 За вероучителите, види ја фуснотата кај 2:4.
  7. Матеј 26:59 т.е. Синедрион; нешто како Парламент.
  8. Матеј 26:64 Пс. 110:1; Дан. 7:13.
  9. Матеј 26:73 Или: дијалектот, акцентот.