Añadir traducción en paralelo Imprimir Opciones de la página

7) Отворање на седмиот печат

Молк на небото

Кога Јагнето го отвори седмиот печат, на небото настапи полчасовен молк.

Сцена на небото: жртвеник, кадилница и молитви

Потоа забележав дека на седумте ангели што стоеја пред Бог им беа разделени седум труби.

Во тој момент еден друг ангел, кој носеше златна кадилница, дојде и застана врз жртвеникот. Нему му беше дадено големо количество темјан да го принесе заедно со молитвите на Божјите луѓе[a], на златниот жртвеник, пред престолот. Тогаш од раката на ангелот се подигна дим од темјанот и од молитвите на Божјите луѓе и втаса до Бог.

Потоа ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со жар од жртвеникот и го истури врз Земјата. Од тоа зататнеа грмотевици, болснаа молскавици, а Земјата почна да се тресе.

СЕДУМТЕ ТРУБИ

1) Врнежи од град и оган

Седумте ангели кои ги имаа седумте труби се подготвија да затрубат.

Првиот ангел затруби и врз Земјата се истурија град и оган, измешани со крв! Од нив се запали една третина од Земјата и изгоре една третина од дрвјата и сето зеленило.

2) Пламната гора фрлена во морето

Вториот ангел затруби и нешто како пламната гора беше фрлено во морето. Од тоа, една третина од морето се претвори во крв, една третина од живиот свет во морето изгина и една третина од бродовите потонаа.

3) Отровна ѕвезда паѓа во слатките води

10 Третиот ангел затруби и од небото падна една голема ѕвезда. Таа гореше како факел и падна врз една третина од реките и изворите. Ѕвездата беше наречена Пелин 11 и од неа стана горчлива една третина од водата за пиење. Голем број луѓе изумреа од горчливата вода.

4) Замрачувања и офкања

12 Четвртиот ангел затруби и една третина од Сонцето, една третина од Месечината и една третина од ѕвездите беа погодени и сите тие загубија по една третина од својата светлина. Така и една третина од денот и една третина од ноќта останаа без светлина.

13 Во моето видение тогаш забележав еден орел како лета високо сред небото. Орелот громогласно извикуваше: „Тешко, тешко, тешко на жителите на Земјата од трубењето на следните тројца ангели!“

Notas al pie

  1. Откровение 8:3 Буквално: на светиите.