Add parallel Print Page Options

Мудроста што ја проповедал апостол Павле

Драги пријатели, кога дојдов кај вас да ви ја проповедам Божјата порака[a], јас не се служев со висок стил на зборување или со мудрување. Сметав дека меѓу вас не треба да ги истакнувам моите сестрани познавања, туку да ви проповедам само за Исус Христос и за Неговото распнување на крстот.

Веројатно ви изгледав слаб, исплашен и растреперен. Она што ви го зборував и проповедав не се состоеше од мудро составени говори за да ве убедам, туку Светиот Дух ја покажа Својата сила меѓу вас. Постапив така за да се здобиете со вера втемелена на Божјата сила, а не на човечка мудрост.

Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат. Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но Бог уште одамна ја беше предопределил во вечноста нам да ни донесе слава. За жал, никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале немаше да го распнат нашиот величествен Господ. Ние го проповедаме она што во Светото Писмо е опишано вака:

„Око човечко не видело,

уво човечко не слушнало,

ниту пак човечкиот ум можел да го замисли

тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат[b].“

10 А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае се, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум. 11 Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух. 12 А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што ни ги подарил Тој.

13 Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник[c].

14 Луѓето кои не се препородени од Божјиот Дух не можат да ги разберат вистините што доаѓаат од Божјиот Дух, и затоа не ги прифаќаат. Ним сето тоа им изгледа неразбирливо, а тоа е затоа што духовните работи можат да се разберат само со помош на Божјиот Дух. 15 А луѓето кои се препородени од Божјиот Дух се способни се да разберат, иако самите нив другите луѓе не можат да ги разберат. 16 Како што рекол пророкот Исаија:

„Кој ги знае мислите на Господ?

Кој Му е советник на Господ[d]?“

А нам ни е даден Христовиот ум и затоа можеме да ги разбереме овие работи.

Footnotes

  1. 1 Коринќаните 2:1 Буквално: тајна, а во некои ракописи: сведоштво.
  2. 1 Коринќаните 2:9 Цитат од Исаија 64:4.
  3. 1 Коринќаните 2:13 Или: духовните нешта им ги објаснува на духовните луѓе.
  4. 1 Коринќаните 2:16 Цитат од Исаија 40:13.