Add parallel Print Page Options

Христос ќе дојде ненадејно

Нема потреба да ви пишувам за времето и датумот кога ќе се случи ова. Вие сигурно и самите знаете дека доаѓањето на Господ ќе биде ненадејно, како кога крадец неочекувано упаѓа ноќе. Кога луѓето од овој свет ќе си мислат: „Сега сме мирни и безбедни“, тогаш неочекувано ќе им дојде уништувањето, како кога породилни болки и доаѓаат на жена што треба да роди. Тоа неминовно ќе им се случи.

Но вие што сте христијани, не живеете во мрак, па во тој ден нема да бидете непријатно изненадени, како од крадец. Вие и припаѓате на светлината и на денот, а не на темнината и на ноќта. Затоа, да не бидеме заспани, како другите луѓе, туку да бидеме будни и трезвени. Ноќе луѓето спијат, ноќе се опиваат; но ние што му припаѓаме на денот треба да бидеме трезвени. Треба да се вооружиме со вера и љубов. Тие да ни бидат како штитник на градите. Треба да се вооружиме со увереност дека ќе бидеме спасени и тоа да ни биде како шлем на главата.

Бог не не одбра за да не казни, туку за да бидеме спасени преку нашиот Господ Исус Христос, 10 Кој умре за нас, за да Му се придружиме и вечно да живееме со Него, без оглед на тоа дали кога Тој ќе се врати ќе бидеме живи, или починати. 11 Затоа, продолжете да се охрабрувате и да се изградувате еден со друг.

Упатства за меѓусебните односи во Црквата

12 Драги христијани по црквите, ве молиме да им оддавате признание на оние што вредно работат меѓу вас, што ве водат во Господовото дело и ве поучуваат; 13 искрено да ги почитувате и да ги сакате заради тоа што го работат. Ве молиме да не се карате.

14 Опоменувајте ги мрзливите, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите и имајте трпение со сите.

15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло. Напротив, однесувајте се добро еден спрема друг и спрема сите луѓе.

16 Бидете секогаш радосни, 17 постојано молете се. 18 Што и да ви се случува прифаќајте го со благодарност, зашто така вие што Му припаѓате на Исус Христос ја исполнувате Божјата волја.

19 Немојте да го задушувате дејствувањето на Светиот Дух. 20 Немојте да ги занемарувате пророштвата. 21 Проверувајте се што се проповеда и држете се до тоа што е добро. 22 Држете се настрана од се што е зло.

Благослови и поздрави

23 Самиот Бог, Кој е извор на мир, нека ве направи целосно свети и нека го зачува чисто целото ваше битие: духот, душата и телото, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. 24 На Оној што ве одбра можете да Му верувате. Тој навистина ќе го стори тоа.

25 Драги пријатели христијани, молете се и за нас.

26 Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж.

27 Ве задолжувам, во името на Господ, да го прочитате ова писмо пред сите христијани.

28 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет.