Add parallel Print Page Options

Како треба да Му се служи на Бог

Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство. Ваквите молитви се добри и Бог, нашиот Спасител, ги прифаќа. Тој сака сите да се спасат и да ја сфатат вистината, а тоа е дека постои само еден Бог и постои само Еден што може да посредува меѓу Бог и луѓето: тоа е човекот Исус Христос. Тој го даде Својот живот за да се откупи слобода за секој човек. Бог му ја упати оваа порака на светот во вистинско време.

Бог ме одбра да бидам проповедник и апостол на таа Радосна вест. Јас не лажам. Она што ви го зборувам е вистина. Бог ме испрати кај оние што не се Евреи, да ги учам за верата и вистината.

Затоа, каде и да се собирате, од мажите барам да креваат чисти[a] раце кон небото и да се молат ослободени од лутина и препирки.

Од жените барам да изгледаат скромно. Да се облекуваат едноставно и пристојно. Да не привлекуваат внимание со дотерување на косата, скапи облеки или накит од злато и бисери. 10 Жените што тврдат дека веруваат во Бог треба да привлекуваат внимание со добри дела. 11 Треба да бидат тивки и покорно да примаат поуки. 12 Јас не дозволувам жените да ги учат мажите, или да им заповедаат. Треба да бидат тивки, 13 зашто Бог прво го создаде Адам, а потоа Ева, 14 а и не беше Адам тој што беше измамен, туку жената, која потоа направи грев. 15 Сепак, жените, ако останат верни, ако ја зачуваат љубовта, ако бидат свети и скромни, ќе бидат спасени преку раѓање деца[b].

Footnotes

  1. 1 Тимотеј 2:8 Буквално: свети.
  2. 1 Тимотеј 2:15 Некои преведувачи ова го толкуваат и вака: Сепак жените, ако останат ..., кога ќе се пораѓаат, нема да бидат во смртна опасност. Буквално: преку детераѓањето. Можно е да се мисли преку Спасителот, бидејќи Христос се роди како дете, преку жена.