Add parallel Print Page Options

Лажните вероучители и Божјата осуда

Но имаше и лажни пророци меѓу Израелците[a], како што и меѓу вас ќе има и лажни вероучители. Тие подмолно ќе воведуваат погубни ереси, свртувајќи се дури и против Господарот што ги откупи. Така тие брзо ќе навлечат врз себе уништување. Многумина ќе тргнат по нивните срамни патишта и заради нив лошо ќе се зборува за Патот[b] на вистината. Поради алчност ќе измислуваат разни прикаски, само за да извлечат од вас материјална корист. Но Бог уште одамна им пресудил на таквите. Уништувањето нив будно ги чека.

Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот[c], за да бидат таму чувани се до Судниот ден. Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го зачува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство. Градовите Содом и Гомора[d] во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страотен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни. Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави. Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла.

Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден.

10 Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во својата дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат! 11 Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив.

12 Таквите луѓе се како неразумни животни, кои се определени за да бидат ловени и убивани. Се потсмеваат на нешта што не ги разбираат. Затоа и ќе загинат како животни. 13 Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање сред бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, зашто тоа го прават од нечисти мотиви. 14 Очите им се полни со прељуба. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе!

15 Скршнувајќи од вистинскиот пат, тие заталкаа. Се поведоа по примерот на пророкот Балаам, синот на Беор[e], кој за пари беше готов да постапува неправично. 16 Но тој беше прекорен за својот престап. Неговото магаре, немо животно, прозборува со човечки глас и го натера да прекине со тие неразумни постапки.

17 Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина. 18 Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се оттргнале од живеење во заблуди. 19 Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда.

20 Ако тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот! 21 Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да и свртат грб на светата заповед што им беше дадена! 22 Ним им се случи она што го кажуваат поговорките:

„Песот се враќа на сопствената блујавица[f].“

и

„Откако се искапала, свињата во калта се вратила!“

Footnotes

  1. 2 Петар 2:1 Буквално: народот.
  2. 2 Петар 2:2 За христијанството, па и лично за Христос.
  3. 2 Петар 2:4 На грчки: тартарос.
  4. 2 Петар 2:6 1 Мој. 19:24.
  5. 2 Петар 2:15 Во некои ракописи: Босор.
  6. 2 Петар 2:22 Поговорки (или Изреки Соломонови) 26:11.